Хрватите пред казна поради навредите упатени кон голманот на Канада

Светската фудбалска федерација (ФИФА) покрена дисциплинска постапка против Хрватска бидејќи навивачите на Коцкестите го навредуваа голманот на Канада, Милан Борјан, за време на нивната пресметка на Мундијалот во Катар.

Голманот на Црвена ѕвезда на социјалните мрежи доби повеќе од 2.500 навредливи пораки, а на трибините поставија знаме со брендот на познат производител на трактори на кое имало натпис „Книн 95-та и Борјан, алудирајќи на граѓанската војна во поранешна СФРЈ.

Милан Борјан е роден во Книн, но како дете се преселил во Србија, од каде што во 2000-тите години се преселил во Канада.
Во текот на целиот натпревар Борјан беше цел на дел од хрватските фанови, кои исто така го навредуваа и неговото семејство.

„Тоа покажува какви примитивци се луѓето. Немам што да коментирам повеќе, сето тоа говори за тие навивачи. Слушнав дека викаа и ме навредуваа. Тоа покажува дека се примитивци и дека треба да поработат на себе и на своите семејства бидејќи очигледно е дека имаат некакви фрустрации, па сега доаѓаат тука да го искалат бесот“, изјави Борјан кога беше запрашан за навредите.

Отворањето на дисциплинската постапка на ФИФА не е изненадување бидејќи вакви постапки редовно се поведуваат кога станува збор за испади на навивачите.

Најверојатно казната за Хрватската фудбалска федерација ќе биде парична и ќе изнесува околу 20.000 швајцарски франци.

- Оглас -

Најнови вести