Хрватска повторно стаса далеку на големо натпреварување и ќе игра ново полуфинале на Светските првенства, по големиот подвиг и триумф на пенали против Бразил.
Коцкестите се фудбалска велесила, а актуелниот светски вицешампион е на само еден чекор до ново мундијалско финале и го чека исходот од второто четвртфинале, вечерва од 20 часот за да дознае дали Аргентина, или Холандија ќе им биде ривал.
Хрватите имаат многу фудбалски јунаци и постојано прават екстракласа играчи, па многумина се воодушевени од Јурановиќ, Ливаковиќ, Гвардиол…, покрај веќе докажаните асови од калибарот на Модриќ, Перишиќ, Брозовиќ, Ковачиќ..
Еден од нив, Јосип Јурановиќ е вистнска спортска приказна за упорност, за голема желба да се стане врвен фудбалер, а до пред 8 години играше за хрватскиот третолигаш Дубрава.
Вечерва беше меѓу најдобрите, ако не и најдобар со голманот Ливаковиќ и одигра феноменално на десната бочна позиција.
Јурановиќ е член на Селтик, а шанса да биде професионален фудбалер доби сосема случајно во 2014 година.
Тогаш како фудбалер на Дубрава Загреб доби шанса да игра на камп на „Најки“ за играчи на возраст од 18 до 22 години и беше избран за најдобар играч.
Како награда отпатува на камп во Лондон, а има слики со Манџукиќ и Ковачиќ од тој турнир.
Потоа дојде понуда од Хајдук и ја почна професионалната кариера во 2015 година. За сплитските Били одигра над 165 меча и беше и капитен, а следеше трансфер во полска Легија и оттаму во шкотскиот гигант Селтик.
Сега на 27-годишна возраст е стандарден репрезентативец на Хрватска со шанса да биде и светски првак, а велат дека наскоро ќе се пресели во поголем клуб од Топ-5 лигите во Европа.