Хрватски селектор удри по организаторите на ЛОИ: На врвни спортисти за јадење им даваат паштета и сирење

Селекторот на ватерполо репрезентацијата на Хрватска, Ивица Туцак, отворено ги критикуваше организаторите на Олимписките игри по првиот натпревар на турнирот и победата над Црна Гора со 11:8.

Туцак беше задоволен од претставата на Хрватска и победата над силниот ривал, но жестоко ги нападна организаторите поради исхраната што им е обезбедена на спортистите во Олимпиското село.

„Многу малку одмор има. Сега одиме да јадеме нешто во „хрватската куќа“ бидејќи храната во Олимпиското село е катастрофална. Некаде кога ќе завршат Олимписките игри ќе дадам свој осврт на сè заедно, а засега сум насочен кон натпреварувањето. Играчите добиваат паштета и сирење, а ако тоа треба да го јадат, тогаш не знам која е смислата на сè. Но, како за нас, така и за другите. Одиме нешто да јадеме, одиме да почувствуваме месо… Гужвите се огромни, храната е лоша. Тоа не е соодветно за она што му е потребно на спортистот, а само треба да има добар кревет и да може нешто добро да јаде. Но, во овој случај го нема ниту едното, ниту другото. Лесно е за мене, но овие момци играат и треба да победуваат”, изјави Туцак, а пренесе „Вечерњи лист“.

Претходно од организаторите на ЛОИ во Париз беше соопштено дека спортистите во Олимпиското село ќе имаат на располагање само вегетаријанска исхрана.

Титулата на најдобри на Олимписките игри од Токио ја бранат ватерполистите на Србија, второпласирани во Јапонија беа Грците, а третото место го освоија Унгарците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести