И Динамо Киев доби двоен удар со токмак што боли (Видео)

Токмак Нгуен и Франк Боли повторно потврдија дека се главните алки на Ференцварош и со голови во второто полувреме ја поништија предноста од 0:2 на Динамо Киев, за прв бод на унгарскиот гигант во Лигата на шампионите по 25 години.

Двајцата се и најдобри стрелци на Ференцварош подолго време, а вечерва донесоа експлозија од радост на „Групама арената“ во Будимпешта, каде што имаше и одличен број гледачи во услови на пандемија со Ковид-19.

Динамо водеше со головите на Циганков од пенал во 28-мата минута и на Де Пења во финишот на првото полувреме.

Сепак, избраниците на Мирчеа Луческу не издржаа и дозволија домаќините да израмнат.

Нгуен погоди во 59-тата минута и ја врати вербата на домаќините за избегнување на поразот, а во самиот финиш, во 90-тата минута Боли израмни на 2:2.

Ференцварош загуби од Барселона со 4:0 во првото коло и во првиот меч за славниот унгарски клуб во Лигата на шампионите по пауза од 25 години.

 

- Оглас -

Најнови вести