И двајца Македонци кандидати за селектори на Црна Гора?

Некогашните македонски фудбалери и селектори, Бошко Ѓуровски и Чедомир Јаневски, се во редот на потенцијални кандидати за селектори на националниот тим на Црна Гора, шпекулираат црногорските медиуми.

Откако првиот човек на фудбалскиот сојуз на Црна Гора, Дејан Савичевиќ, кажа дека еден од условите за селектор е да го познава јазикот кој се говори во неговата земја, а Србите се пречкртани, остануваат опциите наследник на Љубиша Тумбаковиќ да биде Словенец, Хрват, Босанец или Македонец.

Хрват тешко, после лошото искуство со Златко Крањчар, но има неколку слободни тренери од Хрватска кои би ги задоволиле критериумите. На чело на „соколите“ би можеле да бидат Босанците Фарук Хаџибегиќ или Сафет Сушиќ, некогашни репрезентативни колеги на Савичевиќ и тие важат за фаворити. Од Словенија нема атрактивни имиња кои се без ангажман.

Македонски кандидати кои се спомнуваат се Ѓуровски кој е слободен, и Јаневски кој е во египетски Исмаили. Бошко Ѓуровски една сезона беше заедно со Савичевиќ во Црвена ѕвезда, а тој е екс македонски селектор, додека последен клуб му беше јапонски Кјото. Чеде Јаневски не е слободен, но ако добие понуда да биде селектор, би можел да прифати.

- Оглас -

Најнови вести