Конечно имаме квалитетна репрезентација. Одбрана бетон, среден ред светски, напад фантастичен, е една од највпечатливите реакции на симпатизерите на фудбалот кај нас и, секако, на македонската репрезентација по ремито со Словенија во Љубљана.
Има задоволство кај грото од навивачите, секако, се жали за пропуштената шанса за победа, а неподелено е мислењето дека игравме храбро, без калкулации и покажавме карактер по негативата од 0-1. Со голот на Енис Барди освоивме значаен бод, па реакциите се позитивни.
Македонија по долг период, има константа, игра офанзивно, без премногу респект кон противниците, а вчера играше и против судијата од Шпанија, Хавиер Естрада Фернадес. Ни делеше жолти картони како од шега, до 20-тата минута веќе имавме четири и во таква ситуација не е лесно да се игра, особено не на гостински терен.
Но, македонските репрезентативци во последно време покажуваат особина што долго ја чекавме. Имаме карактер, имаме и млад и талентиран бран на репрезентативци кои не респектираат никого и на тој начин запишаа и историја со настап на ЕП во Полска за младинци пред две години. Конечно имаме адути за да се надеваме и на подвиг и настап на големо натпреварување и со селекцијата А, предводени од столбот, од капитенот Горан Пандев.
И во серија играме добро, најважно од сè е дека не потклекнуваме под притисок, ниту се откажуваме при негатива, нешто што најчесто не чинеше порази во минатото.
Во квалификациите за СП 2018 година го победивме Израел на гостински терен, реално не требаше да загубиме од Албанија и израмнивме со Италија во Торино за голем бод, а и сега во новиот циклус, но за пласман на ЕП 2020 година, се вративме од негатива против Словенија.
Ништо не е случајно, па се надеваме дека константно добрите игри што нè доведоа до полуфиналето во нашиот сегмент во Лигата на нациите ќе продолжат и сега во квалификациите за ЕП 2020 година.
Лесно нема да биде, особено на следните два јунски натпревари со двата главни фаворити, Полска и Австрија, но игрите, атмосферата, квалитетот и карактерот што го покажуваат нашите репрезентативци ни дава надеж да сонуваме подвиг.
Или како што пишува во еден од коментарите на социјалните мрежи: „Дефинитивно и најзначајно имаме игра и квалитетни фудбалери кои играат борбено и пожртвувано и даваат сè од себе за да победат за Македонија“.
Сега само да го прегрмиме јуни и двата исклучително тешки дуели во Скопје, на седми јуни со Полска и три дена подоцна со Австрија, за да останеме во битка за подвиг и настап на јубилејното ЕП во 2020 година.