Играчите во НБА-лигата нема да се казнуваат за користење рекреативни дроги

Раководството на НБА-лигата со полна пареа работи да спроведе протокол според кој ќе може да се продолжи прекинатата сезона. Рестартирањето е најавено на 31 јули со скратен распоред, односно ќе се натпреваруваат 22 екипи и тоа во „Светот на Дизни“ во Орландо. Секојдневно се појавуваат нови детали, а според последните информации кошаркарите нема да бидат казнувани доколку во изминатиов период конзумирале рекреативни дроги.

„НБА и Асоцијацијата на кошаркари се договорија тестирањата за лекови и останати стимуланси да бидат редовни, меѓутоа играчите нема да се казнуваат доколку тестирањата покажат дека конзумирале дроги за уживање, т.н. рекреативни дроги“, известува Шемс Чаранија, новинарот на „Атлетик“.

Дополнително е потврдено дека секој играч кој своеволно ќе го напушти комплексот на Дизни ќе мора да биде во самоизолација најмалку 10 дена и ќе биде ослободен по два негативни теста за корона-вирус.

- Оглас -

Најнови вести