Играше за последната европска шампионска гарнитура на Баерн, сега ќе настапува во Регионална лига

Холгер Бадштубер не е пријавен во составот на Штутгарт за натпреварите во Бундеслигата во новата сезона 2020/21 и е префрлен во вториот тим, што се натпреварува во една од Регионалните лиги во Германија.

Членот на последната шампионска генерација на Баерн што во сезоната 2012/13 ја освои европската круна доживеа да биде дел од четврта по ранг лига во Германија, и тоа во тим што претежно е составен од млади играчи на возраст до 21 година.

Бадштубер беше член на Баерн од 2009 до 2017 година и беше стандарден во одбраната на германскиот гигант сè до повредата на круцијаните лигаменти во декември 2012 година на дуелот со Борусија Дортмунд.

Паузираше цели 532 дена и го пропушти главниот дел од сезоната, кога Баерн сигурно чекореше кон петтиот и засега последен европски трофеј, тој во Лигата на шампионите освоен со победа токму против Борусија Дортмунд на 25 мај 2013 година на „Вембли“ во Лондон.

Пред три години го купи Штутгарт, но Бадштубер никогаш повеќе не играше на ниво како во периодот пред повредата на лигаментите.

Има и 31 настап за германската репрезентација, а изјави дека ќе ја почитува одлуката на раководството на Штутгарт и дека професионално ќе го одработи договорот со тимот до 2021 година, со настапи во Регионалната лига Југозапад за младинскиот тим.

Денеска Баерн ќе игра во полуфиналето во Лигата на шампионите против Лион од 21 часот во Лисабон.

 

- Оглас -

Најнови вести