Им се поклопија бројките – Од 17 часот, 17-ти меч за Шкендија и Номе Калју

Шкендија и Номе Калју ќе го играат реванш-дуелот од осминафиналето во квалификациите за Лигата на шампионите во Скопје денеска, од 17 часот, а токму 17-та е заедничка бројка за двете екипи.

Тетовци по 17-ти пат ќе играат на домашен терен во еврокуповите, а тоа им се случува и на Естонците, кои по 17-ти пат ќе играат како гости во едно од двете клупски натпреварувања под капата на УЕФА.

Шкендија е голем фаворит за пласман во следната рунда по победата во Талин со 1:0, што е најважно, беше апсолутно надмоќна во сите сегменти и денеска со нов триумф треба да стави печат на пласманот во следната фаза.

Македонскиот првак како домаќин, најчесто во Скопје има биланс од 9 победи, пет порази и две ремија во еврокуповите.

Номе Калју е лош гостин дури со 8 порази на 16 мечеви во квалификациските циклуси за пласман во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа, а победи само трипати. Естонскиот првак има само еден настап во плејофот во квалификациите, и тоа во сезоната 2013/14, кога се сопна на последниот чекор пред фазата по групи во Лигата на Европа и загуби двапати од украинскиот Днипро. Тоа им е најголем европски успех досега, а најчесто испаѓаа на самиот старт од квалификациските циклуси или веднаш потоа во второто коло.

Шкендија во последните три настапи не успеваше да ја прескокне последната пречка за клупска историја и пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите, а пресилни за тетовци беа Гент, Милан и Розенборг со по две победи против клубот формиран во 1979 година.

 

- Оглас -

Најнови вести