Работнички е еден од клубовите кој никогаш нема испаднато во второлигашка конкуренција во суверена Македонија, а оваа сезона се најде во многу тешка ситуација откако имаше очаен прв дел од сезоната. Оваа пролет тимот игра подобро, но сѐ уште е во загрозена позиција на табелата.
Младинскиот репрезентативец Никола Манојлов заедно со соиграчите има мисија да обезбеди опстанок за тимот од Дебар Маало, а ќе се обиде да погоди и хуманитарен тикет и да донира таму каде што во моментот е најпотребно.
Нема да биде лесно, вели Манојлов, но на мака се познаваат јунаците кога е во прашање обезбедувањето опстанок за Работнички. Тој е дете на клубот и секако дека емоциите се „вклучени на максимум“.
„Нѐ очекува тешка и неизвесна битка за опстанок во последните шест кола. Рака на срце, оваа пролет играме многу подобро и успеавме да дојдеме во позиција да се надеваме на опстанок, односно да зависиме сами од себе, од сопствените резултати. Првиот дел од сезоната беше катастрофален, освоивме само седум бода на 17 натпревари и тогаш речиси сите мислеа дека сме сигурни патници во Втората лига. Но, не се предадовме, дојде нов тренер Муарем Муарем, тимот беше трансформиран, и оваа пролет бележиме многу подобри резултати, остваривме шест победи. Сега имаме 25 бода и со Пелистер, Македонија ЃП, Брера и Арсими ќе се бориме до крај во битката за опстанок во елитата. Веруваме во нашите квалитети и ќе сториме сѐ за да ја оствариме целта“, вели Никола Манојлов.
Тој постигна неколку значајни голови кои на Работнички му донесоа победи оваа пролет, но вели дека фудбалот е тимска игра и најважна е крајната цел.
„Офанзивец сум, мојата задача е да се обидам да постигнам гол. Ми успеа неколкупати и среќен сум што можам да придонесам за успесите на тимот. Но, фудбалот е тимска игра и сите заедно сме и во добро и во лошо. Верувам дека на крајот ќе се радуваме“, потенцира фудбалерот на Работнички.
Фокусиран е со игрите во дресот на Работнички, но секако дека го следи и европскиот фудбал. Посебно интересна за него е трката за шампионската титула во Премиер лигата. Состави хуманитарен тикет и се надева дека овој викенд би можел да биде добитен.

„Секако дека следам европски фудбал. Премиер лигата е најквалитетната и секогаш со внимание и посебна возбуда ги гледам мечевите во Англија. Таму трката за титулата ќе биде максимално интересна, а викендов се игра дербито што може да реши многу работи меѓу Манчестер сити и Арсенал. Не сум некој успешен прогнозер, но ќе се обидам да го погодам хуманитарниот тикет и да донираме финансиски средства таму каде што се најпотребни“, заврши Никола Манојлов.
Работнички в недела на домашен терен игра против Арсими и само победа е во мислите на Никола Манојлов и на неговите соиграчи. Нека биде успешен викенд, и за него и за сите обложувачи.

