Имаат една недела за спас – Гигантот тоне во долгови, ниту 24 титули не помагаат да се избегне преселба во понизок ранг

Австрија Виена не доби лиценца за настап во Типико Бундеслигата на Австрија за следната сезона и е на прагот на преселба во понизок ранг.

Клубот доби рок од една недела да го подмири огромниот долг од 78 милиони евра, или да даде гаранција дека тоа ќе го стори во кус рок, во спротивно ќе нема милост за 24-кратниот првак на Австрија.

„Не добивме лиценца, но добивме инструкции што треба да сториме за да го избегнеме најлошото. Ќе сториме сè за да ја комплетираме документацијата и да го спасиме клубот од преселба во понизок ранг“, објавија од таборот на австрискиот гигант.

Австрија е втор најтрофеен клуб во земјата на нашиот прв ривал на ЕП со 24 шампионски круни, а има и 27 пехари во Купот.

Играа и едно европско финале во УЕФА купот во 1978 година и беа поразени од Андерлехт со 0:4.

Пред еден месец прославија убав јубилеј, 110 години постоење, а дуелите со вечниот ривал Рапид Виена се едно од најголемите фудбалски дербија во Европа.

Националната селекција на Австрија ќе ѝ биде прв противник на Македонија на Европското првенство што ќе се игра ова лето.

Со нив ќе играме прв, историски меч на големите натпреварувања на 13 јуни во Букурешт.

 

- Оглас -

Најнови вести