Интер има нови сопственици, Кинезот Жанг не го плати навреме долгот, па беше истеран од клубот

Кинезот Стивен Жанг повеќе не е претседател на италијанскиот шампион Интер. Од денеска мнозински сопственик над Нераѕурите е американскиот инвестициски фонд „Оуктри капитал менаџмент“ откако Жанг не го исплати заемот што го зеде од нив.

„Оуктри капитал менаџмент“ ја активира клаузулата со која стана сопственик на 68,55 отсто од акциите на Интер, откако компанијата Сунинг не го исплати долгот во висина од 385 милиони евра.

Стивен Жанг во 2021 година доби заем од 275 милиони евра од американскиот инвестициски фонд со годишна камата од 12 отсто, а рокот за отплата истекуваше денеска во 17 часот. Бидејќи Сунинг не успеа да го плати долгот, ниту пак да го продаде Интер, за што бараше 1,2 милијарда евра, „Оуктри капитал менаџмент“, стана мнозински сопственик на италијанскиот шампион.

„Како нови сопственици, свесни сме за големата одговорност која ја имаме кон заедницата и кон историското наследство на Интер. Ќе се посветиме на долгорочен успех на Нераѕурите и веруваме дека нашите амбиции се идентични како и навивачите на Интер во Италија и низ целиот свет. Првична цел е клубот да биде оперативно и финансиски стабилен“, стои во дел од соопштението кое е потпишано од генералниот директор за стратегија во инвестицискиот фонд, Алехандо Кано.

Жанг, чие богатство се проценува на 7,4 милијарди евра, се обиде да договори краткорочно продолжение на кредитот, но инвестицискиот фонд го одби.

Стивен Жанг во 2016 година стана мнозински сопственик на Интер, а од 2018 година е претседател на клубот со кој освои седум трофеи. Интер двапати триумфираше во Серија А, освои два Купа на Италија и три Суперкупа на Италија.

Во следните 20 дена се очекува да биде закажана седница на акционерите на Интер, на која ќе биде избран нов управен одбор, а дотогаш со клубот ќе раководат луѓе од „Оуктри капитал менаџмент“.

Според договорот меѓу двете страни, „Оуктри капитал менџмент“ ќе мора финансиски да го обесштети Сунинг, а сумата ќе ја одреди независен проценител од Луксембург. Италијанските медиуми пишуваат дека оваа сума сигурно нема да изнесува 800 милиони евра, колку што Жанг вложи во Интер.

- Оглас -

Најнови вести