Интер подготвува изненадување?

На тренерот Лучијано Спалети сериозно му е загрозена функцијата во Интер, постојано се шпекулира со имиња на стратези кои би можеле да го наследат на клупата на „нераѕурите“, а сега во преден план е Златко Далиќ. Хрватскиот селектор, кој има 52 години, не крие дека сака да работи во Италија, а и од Интер искажаа комплименти за човекот кој со „коцкестите“ стигна до финалето на СП во Русија.

„Сон ми е да работам во Серија А“, рече Далиќ додека ја примаше наградата „Џани Брера“.

Спортскиот директор на Интер, Бепе Марота, за тренерот од Вараждин имаше само пофални зборови.

„Далиќ ја заслужи наградата. Стана селектор на Хрватска во важен момент и се докажа како еден од најдобрите тренери во подем, во светот“, рече Марота.

Интер освои само еден бод на последните три меча, па Спалети и ако победи против Парма, веројатно ќе добие отказ. Како наследници се спомнуваа Антонио Конте, Естебан Камбијасо, а сега и Далиќ, кој би имал прилика да ги тренира Иван Перишиќ и Марцело Брозовиќ кои добро ги познава и беа дел од „коцкестите“ на Мундијалот.

- Оглас -

Најнови вести