Интер создава тим за да ја сруши доминацијата на Јувентус – носи ѕвезда од Реал Мадрид

Герет Бејл едноставно не е играч по желба на Зинедин Зидан. Велшанецот не се наигра по враќањето на Зизу на клупата на Реал, а на последните мечеви доби и свирежи од публиката поради слабите игри. Токму затоа, многу веројатно е дека Бејл во летниот преоден рок ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Како можна следна дестинација за Бејл се споменува Манчестер јунајтед, но некако ни „црвените ѓаволи“ не се претерано заинтересирани. Најзагреан за доведување на Бејл во своите редови е Интер. Нераѕурите сакаат да создадат тим кој ќе може да стави крај на доминацијата на Јувентус во Серија А, а доведувањето на ѕвездата на Реал ќе биде голема работа за клубот од „Џузепе Меаца“.

Бејл има договор со Реал до 2022 година, а за Интер сигурно проблем би била и платата од 15 милиони евра по сезона. Затоа постои опција, Велшанецот летово да дојде како позајмен играч во Интер, а по завршување на сезоната, италијанскиот клуб да го откупи неговиот договор.

Интер се надева дека во летниот преоден рок ќе доведе и две квалитетни засилувања во нападот, како што се Един Џеко и Ромелу Лукаку, а плус Бејл во тимот, би било надеж дека може да му парира на неприкосновениот Јувентус.

 

- Оглас -

Најнови вести