Интер со предност од 1:0 стекната по првиот меч во Милано вечерва ќе се појави на стадионот „Драгао“ во Порто, на реванш-средбата против португалскиот гигант, во осминафиналето од Лигата на шампионите. Тренерот на Нераѕурите, Симоне Инѕаги, верува дека неговиот тим има сили да се пласира во четвртфиналето, но предупредува дека Порто е опасен ривал.
„Знаеме дека против себе имаме квалитетен тим. На првиот меч покажаа дека се многу силни во ситуација еден на еден. Ја знаеме статистиката на Порто, која вели дека италијанските екипи не поминуваат добро против нив. Затоа мора да бидеме подготвени најдобро што можеме и да бидеме фокусирани во текот на целиот меч. Ова ќе биде вистинска битка, а наша цел е да го поминеме осминафиналето“, вели Инѕаги.
Стратегот на Интер е задоволен од досегашните резултати во сезоната, потенцирајќи дека неговата екипа е на второто место на табелата во Серија А, игра во полуфиналето на Купот на Италија и е во обид да стигне до четвртфиналето во ЛШ.