Ирците на двапати го прекинуваа мечот против Катар во знак на поддршка за Палестина (Видео)

Навивачите на репрезентацијата на Ирска го прекинаа натпреварот против Катар откако на теренот фрлија десетици тениски топчиња во знак на протест против претстојниот дуел на нивната селекција со Израел во рамки на Лига на нации на УЕФА.

Инцидентот се случи за време на синоќешниот пријателски натпревар против Катар, а судијата беше принуден накратко да ја прекине играта додека редарите ги отстрануваа топчињата од тревникот. На трибините можеа да се забележат транспаренти и пораки за поддршка на Палестина, додека навивачите со свирежи и скандирања јасно го изразија незадоволството од одлуката натпреварот против Израел да се одигра според планот.

Овој потег доаѓа во период кога низ Европа растат тензиите и протестите поврзани со војната во Газа, а спортските настани сè почесто стануваат платформа за политички пораки и изразување солидарност.

Фудбалскиот сојуз на Ирска засега официјално не се огласи по повод протестот на навивачите, додека УЕФА исто така не коментираше за евентуални дисциплински мерки.

Ирска на крајот го доби мечот против Катар со минимални 1-0.

- Оглас -

Најнови вести