Историја во Охрид: Струга ТЉ ја забележа првата европска победа (Видео)

Екипата на Струга Трим Љум, конечно, во петтиот натпревар ја забележа првата европска победа. Шампионот на Македонија попладнево во Охрид го совлада шампионот на Црна Гора, Будуќност Подгорица, со минимални 1-0.

Единствениот погодок на мечот беше постигнат во првото полувреме, односно во 30-тата минута кога Бесарт Ибраими прецизно стрелаше во мрежата на гостинскиот голман Павличевиќ. Победата на Струга ТЉ можеше да биде и далеку повисока доколку беа реализирани само дел од многуте шанси во првото полувреме. Голот на Бесарт Ибраими може да го погледнете ТУКА.

Во вториот дел играта спласна, Будуќност заигра далеку поорганизирано, па Струга многу потешко доаѓаше до изгледни прилики за гол. За тоа говори и статистиката која вели дека Струга упати само еден удар во рамки на противничкиот гол во второто полуврема, за разлика од шестте во првиот дел.

Поседот на топката од огромните 62% во корист на стружани после првиот дел, падна на 58% на крајот од мечот.

Се на се, Струга може да биде задоволна бидејќи ја забележа првата победа, но може и да жали бидејќи требаше и мораше таа да биде поубедлива. Според прикажаното, Будуќност задоволен се враќа во Подгорица, со оглед на тоа дека има активен резултат и само минимална негатива.

Реваншот на Градскиот стадион во Подгорица ќе се одигра во вторник, 1-ви август, со почеток во 21 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести