Историски пресврт на Детроит, луда победа на Торонто, Лејкерс оди понатаму (Видео)

Трите меча кои се одиграа синоќа, ја донесоа највозбудливата вечер во овогодинешниот плејоф во НБА лигата.

Лос Анџелес лејкерс и без Лука Дончиќ, славеше во Хјустон кај кој го немаше Кевин Дурант со 98-78 и со 4-2 во победи оди во западното полуфинале каде ќе се сретне со Оклахома сити тандер. На Истокот, мајсторките Детроит – Орландо и Кливленд – Торонто ќе одредат кои два тима ќе играат меѓусебе во конференциското полуфинале.

Детроит пистонс со огромен пресврт дојде до победа од 93-79 на гостувањето кај Орландо. Првото полувреме Магичните го добија со 22 поени разлика, беа на прагот на голем домашен триумф и ретка ситуација осмиот да го елиминира првиот носител, а потоа имаа невиден колапс, во цело второ полувреме постигнаа само 19 поени, во последната четвртина утнаа 23 шута по ред. Мајсторката се игра во Детроит кој сега е во психолошка предност бидејќи по 1-3, сега е на 3-3.

Драма имаше во Торонто каде Репторс по продолжение од пет минути го совладаа Кливленд кавалирс со 112-110. Кавалирс водеше со 110-109 и беше блиску до пласман во следното коло, но Ар Џеј Берет погоди тројка за победа и притоа имаше многу среќа. Шутот на Берет не беше баш прецизен, топката се одби од обрачот и летна високо до врвот на таблата, а потоа со помош на „кошаркарските Богови“ се спушти низ обрачот за огромна радост на 1,2 секунди до крајот.

 

- Оглас -

Најнови вести