Италијанска фудбалска ревија имаше вчера на националната арена „Тодор Проески“ на дуелот меѓу Македонија и Словенија, а поуспешно беше нашето трио играчи од познатата Серија А на Чизмата.
Елиф Елмас кој игра за Наполи беше играч на мечот и со два гола и донесе победа на Македонија од 2:1. Капитенот Горан Пандев, кој е играч на Џенова му асистираше за првиот гол на нашиот најмлад репрезентативец, а триото во нападот го комплетираше Илија Несторовски.
Нашиот трилинг беше многу подобар од гостинскиот. И Словенците во составот имаат тројца репрезентативци од италијански клубови. Најпознатиот од нив Јосип Иличиќ од Аталанта го постигна почесниот гол за Словенија, од пенал во 95. минута.
Против нас вчера играа и Јасмин Куртиќ, играчот на врска на СПАЛ и Јуре Балковец, кој настапува за Емполи во Серија Б во Италија.
Ако ги додадеме и играчите со претходни настапи во италијански клубови, може да се состави речиси цел тим. Стефан Ристовски беше член на Парма и на уште неколку клубови од Апенините, а доскоро таму играа и Александар Трајковски и Алјаж Струна, кои беа соиграчи во Палермо, заедно со Илија Несторовски. Тука се и Словенеците Рене Крхин екс-играч на Интер и на Болоња и Миха Зајц, кој играше за Емполи, па фали само голман за комплетен тим што има искуство со настапи за италијански клубови.