Избраниците на Давитков во група со Италија, Русија и Естонија

Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација во квалификациите за Евробаскетот 2021 година ќе игра со Италија, Русија и Естонија. За да се најде на завршницата, нашиот национален тим ќе треба да освои едно од првите три места во групата.

Со сите овие селекции имаме искуство од минатото, претежно негативно и можеби дојде време да им се одмаздиме, особено на Естонците за циклусот пред две лета.

Ждрепката се изврши на аеродромот во Минхен. Германија ќе биде домаќин на завршницата и борбата за медалите, а во првата фаза, ЕП ќе се игра и во Чешка, Грузија и Италија.

Квалификациите почнуваат од 17 до 25 февруари 2020, во тој прв квалификациски мини-циклус ќе се играат по два меча, потоа две средби ќе се играат од 23 ноември до 1 декември 2020, а квалификациите завршуваат од 15 до 23 февруари 2021, со последните две кола кои веројатно ќе бидат и одлучувачки околу пополнување на местата за Евробаскетот.

ЖЕНИТЕ ПОВТОРНО ЌЕ ИГРААТ КВАЛИФИКАЦИИ СО ХРВАТСКА

Женската репрезентација се падна во група со Летонија, Хрватска и Германија. Летонките беа 11-ти на годинешното ЕП, додека Германија и Хрватска не играа, но секако имаат посилни тимови од нашиот. Со Хрватките игравме во претходниот циклус и поразите беа со 60-тина поени разлика.

На Еврбаскетот 2021, Црвено-жолтите немаат некои реални шанси да се најдат на ЕП 2021 бидејќи од деветте групи на завршницата одат само деветте победници и петте најдобри втори, плус домаќините Шпанија и Франција за комплетирање на 16-ката од учесници на континенталниот собир.

- Оглас -

Најнови вести