Ја освои пол-позицијата па направи инцидент поради кој квалификациите завршија предвреме

Шарл Леклер од Ферари ја освои пол позицијата пред утрешната трка во Монте Карло за големата награда на Монако. Иако заврши како прв, Леклер останува во исчекување дали утре ќе започне од лидерското место, затоа што непосредно пред крајот на квалификациите, тој со својот болид се удри во заштитната ограда и направи оштетување на предниот дел.

Поради тој инцидент, квалификациите беа прекинати и останаа резултатите кои беа постигнати до тогаш, без да имаат шанса конкурентите да постигнат подобро време во последните две минути. Доколку оштетувањата на болидот на Леклер се посериозни и ако мора да се прави замена на менувачот или некој друг дел, возачот на Ферари ќе добие казна и нема да биде од стартната позиција.

Според актуелниот пласман, покрај Леклер од првиот ред ќе биде и Макс Верстапен со Ред Бул, додека трето најдобро време имаше Валтери Ботас. од Мерцедес. Актуелниот шампион Луис Хамилтон ќе стартува дури од седмата позиција.

„Загрижен сум дали има оштетувања на менувачот. Ќе видиме во каква состојба е болидот“, рече Леклер веднаш по освојувањето на осмата пол позиција во кариерата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести