Јошко Миленкоски: Нема да им биде лесно ни на Македонија ни на Грција

Прославениот македонски одбојкарски тренер, Јошко Миленкоски, кој четврта година по ред ќе работи во грчката лига, овојпат на клупата на ПАОК, даде свое мислење пред вечерашниот дуел (почеток 20.15 часот) на Македонија и Грција во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

Миленкоски најави дека ќе биде на трибините за да го следи натпреварот од квалификациите за Европското првенство 2026 година.

„Хари Наковски беше мој асистент во репрезентацијата во 2023 година, мој студент на Универзитетот, но и мој играч во Работнички кога стигнавме до фајнал-форот на Купот на ЦЕВ“, им објаснува искусниот стратег на грчките новинари за тоа кој е неговиот наследник на селекторското место во македонската репрезентација.

„Прогнозата малку е опасна затоа што не знам каква ќе биде Грција без неколку од најискусните играчи што ги има и знак прашалник е како ќе се претстават без нив. Но, она што е сигурно е дека нема да биде лесен натпревар за двете екипи“, вели Миленкоски.

Миленкоски очекува полни трибини.

„Иако сме на крајот на август, а многумина се на одмор, ова е многу важен натпревар за репрезентацијата на Македонија бидејќи има можност да обезбеди четврто последователно учество во завршната фаза на ЕП. Мислам дека со било каква победа од овој меч дефинитивно ќе бидеме на ЕП, затоа што како што се виде на првиот меч, Грузија е многу слаба“, заклучува Миленкоски.

- Оглас -

Најнови вести