Македонските тенисери, Томислав Јотовски и Стефан Мицов, ги загубија своите натпревари од второто коло на турнирот во Бургас кој се игра на земја за награден фонд од 15.000 долари.
Јотовски загуби од талентираниот бугарски тенисер Александар Лазаров со 5-7, 5-7. Нивниот натпревар имаше чуден тек, и двата сета завршија по исто сценарио. Македонецот многу подобро отвораше и создаваше предност, поведуваше со 5-3, но ги губеше последните четири гејма по ред во двата сета. Во вториот сет, при водство од 5-3 и сервис на противникот, Јотовски имаше и две сет-топки, но не ги искористи, па четвртиот носител отиде во четвртфиналето.
Мицов играше со вториот носител, Каи Венелт од Германија и загуби со 2-6, 4-6. Во вториот сет, Мицов направи брејк и изедначи на 4-4, а потоа при 5-4, водеше со 40-30, но не изедначи на 5-5, па Германецот освои уште два поени за конечен триумф.