Јунакот на Атлетико: Знаев дека ќе се мачиме против Осасуна, но ова беше фудбалски пекол

Луис Суарес, јунакот на Атлетико Мадрид, вели дека очекувал тежок меч против Осасуна поради големиот императив да се победи во трката за титулата, но и дека не претпоставувал дека Јорганџиите со многу мака ќе победат.

„Очекував да биде тешко против екипа што нема што да загуби и игра релаксирано, но ние ги минавме сите кругови на пеколот за да победиме. Сега мора многу подобро да се подготвиме, пред сè на психолошки план, за нов тежок дуел против Валјадолид во последното коло. Ни треба победа за титула и мора да ја оствариме по секоја цел“, изјави стрелецот на победничкиот гол за Атлетико против Осасуна.

Јорганџиите беа пред амбисот по водечкиот гол на Осасуна во 75-тата минута што го постигна Анте Будимир. Во тие моменти Реал Мадрид, кој остана единствен конкурент на Атлетико за титулата во Ла Лига водеше со 1:0 во Билбао против Атлетик и беше во пол-позиција.

Сепак, Атлетико направи целосен пресврт со головите на Ренан Лоди и на Суарес, победи со 2:1 и остана на врвот на табелата пред одлучувачкиот викенд.

На 23 мај Атлетико Мадрид му гостува на Валјадолид со два бода предност пред Реал, кој ќе игра дома против Вилјареал. На лидерот му одговара само победа за сигурно да биде нов првак на Шпанија бидејќи има послаб меѓусебен биланс со Реал, што е прв критериум за конечниот пласман ако двете екипи имаат еднаков број бодови по последното коло во Ла Лига.

 

- Оглас -

Најнови вести