Јужноамериканската конфедерација пак потфрли – Ривер плејт треба да игра два меча во ист ден

Ривер плејт има два закажани дуели во ист ден, а грешката е кај челниците на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, КОНМЕБОЛ.

На шести март идната година актуелниот шампион на Јужна Америка треба да игра меч во Судамерикана Рекола, панданот на европскиот Суперкуп. Противник на шампионот на Копа Либертадорес ќе му биде бразилскиот Атлетико Паранаенсе, кој ја освои титулата во Копа Судамерикана, натпреварување кое е налик на Лигата на Европа на Стариот Континент.

Но, КОНМЕБОЛ одреди Ривер да игра на истиот ден и против Алијанца Лима од Перу во првото коло од новото издание на Копа Либертадорес. Два меча во ист ден за иста екипа е невозможна мисија, па нешто ќе мора да се менува во распоредот.

Челниците на Јужноамериканската фудбалска конфедерација и претходно го навлекоа бесот на Аргентинците откако го префрлија реванш-мечот од финалето на Копа Либертадорес од Буенос Аирес во Мадрид.

Ривер и Бока јуниорс играа во Европа наместо на „Ел Монументал“,  стадионот кој е дом на новиот шампион на Јужна Америка.

 

- Оглас -

Најнови вести