Каде „испарија“ головите? Со Пандев девет гола на три меча, без него само два на три меча

Повлекувањето на Горан Пандев од националниот тим на Македонија се знаеше дека не може да мине без последици со оглед на тоа колку беше важен струмичанецот за репрезентацијата, но изгледа без Пандев, повторно се појавуваат некои слабости од минатото.

Новиот селектор Благоја Милевски повика класични напаѓачи од типот на Адис Јаховиќ и Милан Ристовски, но тие не постигнаа гол во овој циклус веројатно затоа што и малку топки доаѓаа до нив. Констатирано е дека фали тој „завршен пас“. Пандев беше мајстор за тие асистенции кои значат половина гол и им ја олеснуваат работата на шпицовите, а и тој беше играч кој знаеше да направи вишок бидејќи ривалите внимаваа на него и често го удвојуваа.

Македонија со Милевски ја држи топката во свој посед, но нема креативност и реализација. Во фудбалот се бројат головите. Најдрастичен пример кој се памети беше кога Барселона во 2010 година имаше 75-80 отсто посед на топка против Интер, а Италијанците со Пандев во составот победија со 3-1.

На првите три меча од квалификациите за СП 2022, кога на терен беше тогашниот капитен Пандев, но и Адеми, Несторовски, Тричковски, Рисовите постигнаа девет гола, од кои пет дома против Лихтенштајн. Сега на три меча, без Пандев, Македонија даде само два гола, и тоа погодоците беа дела на дефанзивци. Милевски е задоволен што Македонија има игра, убеден е дека реализацијата и головите ќе дојдат. Само да не биде предоцна.

Во Скопје, за 180 минути игра, против Ерменија и Романија не дадовме гол. Тие се посилни од Лихтенштајн, но не ни одеше со правењето чисти шанси и со реализацијата кога веќе ќе се дојдеше до позиција за гол. Можеби и лошиот терен на „Тодор Проески“ е оправдување, не е лесно да се игра на нерамен терен, но публиката плаќа билети за да гледа голови, а нив ги немаше во овој септемвриски циклус.

- Оглас -

Најнови вести