Како Баерн Минхен успеа да го спаси Кајзерслаутерн?

Кајзерслаутерн е клуб кој во минатото знаел и како е да се освојува титулата во Бундес лигата. Сепак, сега клубот е во незавидна ситуација. Финансиската состојба е катастрофална, па во прашање беше доведен и опстанокот на клубот кој се натпреварува во третата германска лига.

Кога беше јасно дека Кајзерслаутерн нема да може да добие лиценца за настап во третата лига, се појави Баерн Минхен. Германскиот првак реши да одигра меч наречен „меч за спас на Кајзерслаутерн“. На 27 мај, Баерн во комплетен состав, со најголемите ѕвезди во тимот, гостуваше на „Фриц Валтер“ стадионот. Парите од влезниците одеа за собирање пари за да се плати потребната лиценца за настап.

„Кајзерслаутерн е еден од најголемите клубови. Имаме одиграно многу легендарни мечеви против нив.Фудбалот живее благодарение на емоциите, спортското ривалство и солидарноста. Затоа се одлучивме да помогнеме и се надеваме дека Кајзерслаутерн многу брзо ќе го видиме во Бундес лигата“, стои во соопштението од Баерн Минхен.

Благодарение на одиграниот меч против Баерн, Кајзерслаутерн заработи 750.000 евра и тие пари беа доволни да се плати потребната лиценца, но и да останат пари за функционирање на клубот.

- Оглас -

Најнови вести