Како без Нестор на ЕП? Опциите се 4-4-2 како против Германија или со нова класична деветка

Повредата на Илија Несторовски, кој скина лигаменти во коленото и денеска беше опериран во Рим, по што му следува повеќемесечно отсуство од фудбалски активности, му ги расипа плановите на селекторот Игор Ангеловски бидејќи во формацијата 4-3-3, популарниот Нестор секогаш беше стартер.

Ангеловски има голема доверба во напаѓачот на Удинезе, а сега мора да крои тактика без него. Најверојатно популарниот Мрме ќе се реши за варијантата 4-4-2, со Пандев и Трајковски како најистурени во нападот. Оваа формација се покажа како добитна на последните два меча, дома со Лихтенштајн и на гости кај Германија.

Несторовски беше резерва во Скопје и даде гол од пенал, но потоа под казна не беше во тимот кој направи сензација во Дуисбург и ја надигра Германија со 2-1.

На последниот поширок список кој го објави Ангеловски, освен Несторовски, напаѓачи беа и Иван Тричковски, Трајковски, Стојановски и Велкоски. Тричковски и Трајковски се искусни фудбалери, но тие не се класични деветки како Влатко Стојановски и Крсте Велкоски.

Останува отворена опцијата и да му се даде државјанство на Даниел Мусовски, кој настапува во Лос Анџелес или место во националниот тим за Евро 2020 да има за некое изненадување во офанзивниот дел.

Од активните, Трајковски со 18 погодоци е втор стрелец во историјата на националниот тим зад Горан Пандев, а Несторовски има десет гола. Потоа се Езџан Алиоски и Агим Ибраими со по 7.

- Оглас -

Најнови вести