3.8 C
Skopje
среда, 25 февруари 2026

Како гром од ведро небо, Ферстапен најави дека размислува да оди во пензија

Четирикратниот светски првак во Формула 1, Макс Ферстапен, изненадувачки најави дека наскоро би можело да ја заврши кариерата. Ферстапен во сезоната која неодамна заврши, на драматичен начин остана без петтата светска титула откако заостана само два бода зад Ландо Норис, кој стигна до својата прва титула најдобар возач во Ф1.

Како една од главните причини за размислувањето да ја заврши кариерата, Ферстапен ги наведе новите правила во Ф1 шампионатот.

„Дефинитивно чувствувам дека се доближува крајот на мојата кариера. Би рекол дека новите правила не ми помагаат за да продолжам. Сепак, тоа не е многу важно, задоволен сум од кариерата што ја имам и тоа што го оставам зад себе. Без проблем можам да си заминам, веќе имам неколку други проекти“, рече Ферстапен.

Во досегашната кариера, Ферстапен доминираше во периодот од 2021 до 2024 година освојувајќи четири титули. Вкупно има 71 победа во кариерата, а дури 127 искачувања на подиумот.

Ферстапен има договор со Ред Бул до крајот на 2028 година, а според тој договор, заработува 40 милиони евра годишно. Ако до крај го одработи договорот, Холанѓанецот ќе има 31 година, што не е многу за Ф1 возач, но Макс смета дека тоа би било и крајот. Тој не се гледа себеси како познатите ветерани Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо.

„Кога ќе имате 60 или 70 години, кому ќе му биде гајле дали имате четири или 10 Ф1 титули? Како што стареам, така повеќе сакам да бидам со моето семејство. Тоа го научив со текот на времето. Неодамна бев на скијање со моето семејство и со пријателите и си поминав прекрасно во тие неколку денови. Уживавме во животот. Сакам да живеам, затоа што имаме само еден живот. Не сакам да поминам 25 години зад воланот“, рече Ферстапен.

 

- Оглас -

Најнови вести