Ленс минимално со 1:0 го победи Нант во меч од 32. коло на француското првенство и со 67 бодови се зацврсти на второто место на табелата. Со оваа победа Ленс и дефинитивно си обезбеди место за настап во Лига на шампиони за следната сезона.
Пред своите навивачи, Ленс ја имаше фаворитската улога, но Нант одлично се бранеше и немаше голови до 79 минута. Тогаш, тренерот на Ленс се реши за еден необичен потег и во игра го внесе 16-годишниот играч за врска Мезијан Соареш.
Се работи за талентиран тинејџер, кој прв пат доби шанса да заигра во професионалниот фудбал и на неверојатен начин ја искористи.

Соареш само што втрча на теренот, Ленс тргна во напад, топката дојде до тинејџерот кој постигна гол за 1:0. Едвај 14 секунди поминаа откако Соареш влезе во игра до моментот кога тој ја затресе мрежата на Нант.

