Роналдо се налути и ја фрли капитенската лента, а тоа спаси еден детски живот

Голем дел од светот денеска слави Божиќ. Поради Католичкиот Божиќ речиси и да нема спортски возбудувања денеска, но затоа е одлично време да се потсетиме на една од најневеројатните фудбалски приказни.

На 27 мај, во Белград се играше дуелот меѓу Србија и Португалија во квалификациите за Светското првенство во Катар. Резултатот беше 2:2, кога во 94 минута, Кристијано Роналдо шутираше, топката ја помина гол-линијата, но еден српски фудбалер ја исфрли топката во поле. Судииите не приметија дела е гол, а во квалификациите тогаш не беа дозволени гол-линија технологијата и ВАР системот, па залудни беа протестите на Роналдо дека треба да има погодок за Португалија.

Роналдо лут затоа што не беше признат голот за победа, револтирано ја фрли капитенската лента на тревата и си замина.

Фрлената лента на Роналдо ја зема пожарникарот Ѓорѓе Вукичевиќ кој стоеше покрај теренот. Пожарникарот реши да ја продаде капитенската лента на аукција, а парите да ги донира за лечење на шестмесечното бебе Гаврило, кој боледува од спинална мускулна атрофија и за чија операција беа потребни повеќе од 2 милиони евра.

Капитенската лента на Роналдо беше продадена за 63.560 евра, пари кои веднаш беа донирани за лекување на бебето. Парите беа собрани, операцијата беше направена, а бебето беше спасено.

Едноставно неверојатно е како еден фудбалски момент на лутина донесе радост и живот на бебенце. Тој непризнат погодок на Роналдо на крајот беше кобен за Португалија, затоа што во последното коло Србија со 2:1 победи во Лисабон и го освои првото место, додека Португалија ќе игра бараж. Доколку голот на Роналдо во Белград беше признат, Португалија сега ќе беше дел од Мундијалот во Катар, но немаше да има околу 64.000 евра помош за лекување на бебето.

Тоа е магичната страна на фудбалот.

- Оглас -

Најнови вести