Како Сити на меч против Ливерпул поради едно радио испадна од Премиер лигата пред 23 години?

Манчестер сити и Ливерпул денеска ќе одлучат кој ќе биде првак на Англија. Можно е до последната минута да не се знае кој ќе се радува на крајот од сезоната, па затоа и на двата стадиони на кои ќе играат овие две екипи ќе има по еден шампиони пехар. Оригиналот сепак ќе биде на дуелот Брајтон – Манчестер сити, каде „граѓаните“ сами си решаваат, бидејќи со победа, сигурно се шампиони. Вториот пехар ќе биде на „Енфилд Роуд“, каде Ливерпул ќе игра против Вулверхемптон и ќе брка победа, но и кикс на Сити, за да може „црвените“ се израдуваат на титулата по пауза од речиси 30 години.

ТРИ ЕКИПИ СЕ БОРЕА ЗА ОПСТАНОК

Кога се работи за последното коло во Премиер лигата, а во главните улоги се Сити и Ливерпул, постои една неверојатна приказна од пред 23 години. Ливерпул беше сигурен на третото место на табелата и имаше излез во Европа, додека Сити грчевито се бореше за победа. „Граѓаните“ имаа 37 бодови, колку што имаа и Саутемптон и Ковентри, но со најлоша гол разлика. Ковентри играше против Лидс, а Саутемптон против Вимблдон.

ВО ВРЕМЕ БЕЗ ИНТЕРНЕТ И МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ, ТРАНЗИСТОРОТ БЕШЕ ЕДИНСТВЕН ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИЈА

Сити на полувремето губеше со 0:2 од Ливерпул и му требаше победа за да биде спасен. Во второто полувреме Сити даде два гола и во 78 минута веќе беше 2:2. Тогаш, во време кога немаше интернет и мобилни телефони, единствен извор на информација беше транзисторот и тоа не можеше да си го дозволи секој да го има.

Кога Сити израмни на 2:2, од човек кој беше на трибината се прошири информација дека Ковентри губи од Лидс со 0:1 и дека на Сити ќе му биде доволно да освои и еден бод за да се спаси од испаѓање. Играчите на Сити почнаа да ја задржуваат топката и да го „губат“ времето. Сакаа што побрзо да завршат тие 90 минути и да почнат да слават.

https://youtu.be/cXNHtvg-g8c

ЛАЖНА ИНФОРМАЦИЈА, НО ВЕЌЕ БЕШЕ ПРЕДОЦНА ДА СЕ СМЕНИ НЕШТО

Прв кој дозна дека нешто не е во ред беше Најџел Квин, кој излезе од игра и беше на клупата за резерви. Тој дозна дека Ковентри не губи, туку дека е 0:0 на тој меч и дека Сити мора да даде уште еден гол. Сепак, оваа информација беше прекасно пренесена, бидејќи имаше само уште 2-3 минути до крајот.

Сити не успеа да даде трет гол, дуелот заврши 2:2, а нерешено завршија и дуелите Саутемптон – Вимблдон (0:0) и Ковентри – Лидс (0:0), што значеше испаѓање на „граѓаните“ од Премиер лигата.

Сега, 23 години подоцна, Сити и Ливерпул повторно создаваат драматична завршница во Премиер лигата, но овојпат не играат меѓусебе и сега се борат за освојување на титулата, a фудбалерите на Сити го имаат „џокерот“.

 

 

- Оглас -

Најнови вести