Како Струга нема друга, втор пораз сезонава на Вардар

Струга Трим Лум која е нов клуб во првата лига, многу искусно и сурово знаеше да ги казни пропустите на напаѓачите на Вардар, па со два гола со глава, со 2-1 го совлада најтрофејниот клуб.

Кировски и Тафе беа стрелци на головите со кои стружани во првото полувреме го шокираа Вардар. Скопјани напаѓаа, но немаа реализација до 80-та минута кога Мицевски погоди од пенал.

За Вардар, заврши серијата од 12 лигашки меча без пораз, и ова е прв гостински пораз сезонава за „црвено-црните“ кои и понатаму се први со четири бода предност. Струга има пет победи сезонава.

Единствена олеснителна околност за вардарци од овој пораз е што и второпласираниот тим на табелата, Академија Пандев, не успеа да победи. Струмичани се лизнаа на гостувањето кај Ренова.

РЕЗУЛТАТИ: Борец – Македонија Ѓорче Петров 1-1, Ренова – Академија Пандев 1-1, Силекс – Шкупи 1-0, Струга Трим Лум – Вардар 2-1. Утре играат Работнички – Шкендија.

ТАБЕЛА: Вардар 30, Академија Пандев 26, Силекс 21, Шкендија, Шкупи, Македонија ЃП и Струга со по 18, Ренова и Борец по 15, Работнички 11.

- Оглас -

Најнови вести