Се коси со законите на најголемиот сојуз на Континентот – Како тргна контроверзната Суперлига, ќе ја растури Европската Унија

Како тргнаа работите, контроверзната Суперлига во фудбал што веќе ја потврдија 12 клуба со официјално учество, а се чекаат уште 8, ќе донесе големи потреси и во Европската Унија.

Отпорот кон формирањето на Суперлига, како што велат сè поголем број противници, само од лукративни причини може да донесе огромни недоразбирања и во фудбалот но и во Европската Унија.

Професорот по економија Тсјале ван дер Бург од Универзитетот во Твенте објасни дека Суперлигата воопшто не треба ни да се спомене во ваков формат бидејќи се коси со основни постулати на Европската Унија, односно со одредбите за антимонополски позиции и загрозување на слободната конкуренција.

„Правилото што го предвидуваат основачите на Суперлигата да нема испаѓање е спротивно со законите на ЕУ. Тоа е монополизирање на позицијата на клубовите, што повторно е во спротивност со одредбата за слободна конкуренција, во случајов на фудбалскиот пазар. Ќе мора и Европската Унија да реагира бидејќи сите учесници се од земји што се членки на најголемиот Сојуз на држави на светот“, вели Ван дер Бург.

Професорот го наведе и членот 101 од законот на ЕУ што забранува кој било субјект со договор каков што потпишаа 12-те клуба за Суперлигата да им овозможува на незаконски начин да концентрираат средства со користење моќ во однос на другите клубови.

Ван дер Бург смета дека токму Ајакс, како единствен клуб од неговата земја во новиот проект што треба да стартува во 2024 година, ќе користи незаконска монополска позиција во однос на останатите холандски клубови.

Тој повика да реагира и ЕУ и се очекува изјаснување и од правни експерти од Унијата по фронтот што станува се пообемен против формирањето на Суперлигата.

 

- Оглас -

Најнови вести