Легендарниот американски тенисер Џон Мекинро, кој сега работи како стручен консултант, е импресиониран од Новак Ѓоковиќ, кого го смета за еден од најдобрите спортисти на сите времиња.
Ѓоковиќ во 4.30 часот по средноевропско време ќе игра против Јаник Синер во првото полуфинале на Отвореното првенство на Австралија, а Мекинро пред дуелот уште еднаш покажа колку му се восхитува на српскиот тенисер.
„Луѓето можат да го сакаат или да го мразат Ѓоковиќ, но тој за мене е еден од најдобрите, не тенисери, туку спортисти во историјата. Има неверојатни физички предиспозиции, а во историјата имало многу, многу малку ментално силни спортисти како Новак. Неговата желба за победа и интензитетот во неговата игра се импресивни. Нема многу спортисти во историјата кои во текот на целата кариера играле со интензитет како Новак. Тој за мене е во иста категорија како и Мајкл Џордан“, изјави Мекинро во интервјуто за „Индекс“.