Какво чудо, Динамо до 89 минута губеше, а на крајот се радуваше на победа

Екипата на Горица е најпријатното изненадување во хрватското првенство, па затоа и денешниот меч против шампионот Динамо Загреб беше дерби на колото. Домаќините имаа голем мотив, затоа што со победа, Горица ќе се израмнеше по бројот на поени со Динамо.

Дуелот започна возбудливо. Горица поведе, но Динамо направи пресврт и стигна до 2:1 во 41 минута. Дека Горица нема да се предаде потврди со уште еден гол пред крајот на првиот дел, за 2:2 на полувреме. Во 61 минута Горица поведе и со 3:2, резултат кој беше актуелен до самиот финиш.

Сепак, Динамо не само што се спаси од пораз, туку на крајот стигна и до трите бода. Во 89 минута беше досуден пенал за Модрите, а Петковиќ погоди за 3:3. Тоа како да даде дополнителна сила на гостите, па во 90+5 минута францускиот дефанзивец Кевин Теофил-Катрин погоди за 4:3 и победа на Динамо.

Со оваа победа Динамо повторно стигна до лидерското место со 36 бода, додека Горица остана на 30 бодови по 16 одиграни дуели.

- Оглас -

Најнови вести