Калгари не дозволи петти пораз во низа, Питсбург му зеде нова мера на Бостон

Калгари флејмс спречи петто разочарување во низа, па со убедливи 6-3 на домашен терен го совлада вицешампионот Вегас голден најтс. Лидерот од Западот на погон на одличниот Метју Ткачак стигна до посакуваниот триумф, а Канаѓанецот реализираше половина од погодоците на својата екипа.

Домаќините во три наврати го најдоа патот до голот на противникот во првиот период, но Вегас се врати во игра со два брзи гола на почетокот од втората третина. Сепак, гостите немаа сили за пресврт, а Ткачак го оствари хет-трикот во клучните моменти од решавачката делница, па Калгари успеа да се реваншира за поразот од пред четири дена.

 

Питсбург повторно славеше во дуелот против Бостон, па со конечни 4-2 ја прекина победничката серија на Бруинси на шест меча. Домаќините направија голем чекор кон прослава со головите на Бјугстад и Меккен во првиот дел, а сите дилеми беа решени на триесетина секунди пред крајот на средбата, со вториот погодок на Меккен на овој меч.

Победи на домашен терен издвоија уште Флорида пантерс со 6-1 против Детроит ред вингс, како и шампионот Вашингтон капитолс совладувајќи го тимот на Винипег со 3-1, а од домаќините разочара само Анахејм, „патките“ загубија со 2-3 од ЛА кингс.

 

- Оглас -

Најнови вести