Камерун победи, но Ето беше многу лут: Ги построи сите и им оддржа лекција за памтење (Видео)

Камерун минимално со 1:0 победи на гостувањето кај Бурунди во меч од квалификациите за Африканскиот куп на нации. Голот вреден победа и три бода за фаворитот го постигна Токо Екамби во 30 минута.

По завршување на мечот, иако Камерун победи, легендарниот Самуел Ето беше многу лут. Некогашниот фудбалер на Барселона и Интер, сега е претседател на фудбалската федерација на Камерун и не беше задоволен од играта на репрезентативците. По мечот со Бурунди, Ето влезе во соблекувалната и им оддржа говор на фудбалерите со кој им стави до знаење дека мора да играат подобро.

„Воопшто не сум среќен. Вие ја претставувате репрезентацијата на Камерун и не ми е гајле кој е противникот. Морате да одиграте најдобро. Со години плачев бидејќи го пропуштив Светското првенство, но ги знам проблемите кои јас тогаш ги имав. Такви проблеми нема да дозволам да има додека сум јас претседател. Превземав чекори да ги променам тие работи“, рече Ето, а потоа продолжи дека секој фудбалер мора да се бори за своето место во составот.

„Никој нема загарантирано место во тимот. Ако сакаш да го носиш овој дрес, мора напорно да работиш. Ако не го правите тоа, тогаш воопшто немојте ни да доаѓате. Ќе играме со деца. Јас долго време бев во копачките и можеби мислите дека сум гад, но јас бев најдобар и знам зошто успеав во тоа. Ќе дадам се, дури и мојот живот за да можам на најдобар начин да ја претставам земјата. За Камерун сум подготвен да го дадам и животот. Ако играте како денеска, на никого нема да му биде загарантирано местото на Светското првенство, никој нема да го види Мундијалот“, луто се закани Ето.

Како играч, Ето со Камерун триумфираше на два Африкански куп на нациите, а во националниот дрес постигна 56 голови. Камерун ќе игра на Мундијалот во Катар  и тоа во група со Бразил, Србија и Швајцарија, а првиот меч ќе го игра н 24 ноември против Швајцарија.

- Оглас -

Најнови вести