Фудбалската репрезентација на Македонија игра без голови (0-0) против Летонија на Арената „Тодор Проески“ во петтиот натпревар од Лигата на нации. По половина од првиот дел, останавме без Елиф Елмас, кој заработи повреда, а најдобрата шанса ја имаше Исник Алими во последните мигови од полувремето.
Во шестата минута, Чурлинов одзеде топка во полето на противникот, но Трајковски шутираше крај голот.
Пет минути подоцна, Алиоски нафрли од левата страна, а Чурлинов со удар со глава беше за малку непрецизен.
По 15 минути игра првпат се закани и Летонија. По центаршутот од левата страна, топката ја одби Димитриевски, на неа налета Савалниекс, но за среќа не беше прецизен.
На средината од првиот дел, хендикеп за Македонија. Елиф Елмас пријави повреда и мораше да биде повлечен од игра, а на негово место влезе Лирим Ќамили.
До крајот на првиот дел, Исник Алими имаше одлична шанса во последните мигови, но не успеа да реализира од десетина метри.