Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година, генералната контрола пред стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2025 кое ќе се игра во Словачка, ќе ја има во Анталија, Турција каде ќе одигра три натпревари.
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски во Анталија ќе одиграат три натпревари, против Летонија на 23-ти март, против Финска на 25-ти март и на 28. март ќе играат против Словачка.
„Ова е една од последните проверки пред почетокот на квалификациите. Нашата селекција во последно време бележи одлични резултати. Сè уште немаме пораз, а во досегашните осум натпревари, остваривме пет победи и три нерешени резултати“, вели Канатларовски. Во Турција не очекуваат тешки натпревари против силни репрезентации.
Финска игра сличен фудбал како Шведска, нашиот прв противник во квалификациите за ЕП. Словачка е многу квалитетна репрезентација и во последните години бележи голем напредок во младинските категории. Веќе една година работиме со оваа селекција, се надополнуваме и функционираме како тим, се надевам дека ќе успееме да го извлечеме максимумот. Целта е јасна, а тоа е да се создаде победнички менталитет и фудбалери кои ќе бидат носители на играта во А репрезентацијата на Македонија.
Во Анталија за репрезентацијата на Македонија до 21 година треба да дебитираат голманот Васко Василев од Рио Аве, левиот бек на Шкупи, Марио Ричков, фудбалерот на Подбрезова, Мартин Талаков и играчот од средниот ред на Работнички, Матеј Ангелов.
„Натпреварите во Анталија ќе ни бидат од голема корист за подобра подготовка за циклусот квалификации за ЕП во Словачка. Повиканите фудбалери се стандардни во оваа репрезентација во последната година и имаат сосема добра минутажа во клубовите. Василев, Ричков, Ангелов од генерацијата 2004 се дебитанти во тимот и ќе добијат шанса да го покажат квалитетот. Жал ми е што поради повреда го немаме Кристијан Тасевски, но заедно со стручниот штаб следиме и други фудбалери од нашето првенство кои се потенцијални репрезентативци и кои треба да ја засилат конкуренцијата.