Капитенот Ѓорѓиев најави дека нема предавање против Белгија

Македонската одбојкарска репрезентација има победа и два порази по првите три меча одиграни во Европската Златна лига, а денеска на мегдан ќе бидат против Белгија. Ист биланс имаат Македонија и Белгија со четири освоени и шест загубени сета и по три освоени бода, што значи дека треба да биде интересен дуел.

Минатата сезона овие две селекции играа два пати. Македонија на гости загуби со 3:0, а дома победи со 3:1. Сега Белгија е во улога на фаворит, но капитенот Никола Ѓорѓиев најавува дека нема предавање предвреме.

„Со победата над Азербејџан верувам дека го осигуравме 10 место на табелата со што ќе го подобриме пласманот од минатата година кога бевме 11-ти. Сепак, зошто да не направиме чекор понапред. Најлошо ќе биде ако се задоволиме со тоа. Белгија не одигра кој знае каков меч против Азербејџан. Во белгискиот тим коректорот и центарот се светска класа, но останатите е на наше ниво и може да се сопрат. Се зависи од нашите глави, од нашиот менталитет. Мора да се обидеме, секој сет секоја победа би биле златно вредни за нашиот ранкинг, да влеземе меѓу најдобрите осум во Златната лига што би било феноменална најава за квалификациите кои започнуваат во август“, вели капитенот Ѓорѓиев.

- Оглас -

Најнови вести