Капитенот на Барселона на емотивен начин со писмо се прости од клубот

Барселона веќе со години е доминантна на ракометната сцена во Шпанија. Каталонците се и меѓу најдобрите клубови во светот, а капитенот Виктор Томас беше навикнат прв да ги крева трофеите.

По цели 18 години поминати во каталонскиот дрес, Томас беше принуден да ја заврши кариерата. Од пред неколку месеци беше констатирано дека крилниот ракометар има срцеви проблеми и дека нема да смее да продолжи со активното играње.

Капитенот на ракометниот тим на Барселона вечерва преку социјалните мрежи упати емотивно писмо со кое се прости од клубот во кој ја помина целата кариера.

„Ова е еден од најтешките моменти во мојот живот. Се простувам од Палау Блауграна, каде што како играч поминав прекрасни 18 години. Клубот ми даде многу, а јас секогаш се трудев да вратам на вистински начин. Ситуацијата со корона-вирусот не ми дозволи да се простам како што посакувам, но тоа е животот. Им благодарам на сите за поддршката и пораките кои ми ги испратија. Нема да лажам, за мене ова е една од најтешките одлуки. Од утре почнувам со нови предизвици, но Барселона секогаш ќе остане во моето срце“, напиша Томас.

Освен ракометниот капитен, речиси сигурно е дека Барселона летово ќе остане и без капитенот на фудбалскиот тим, Лионел Меси. Аргентинецот, исто како и Томас, целата кариера ја помина во Барселона, но Меси се скара со челниците на клубот и најави заминување.

- Оглас -

Најнови вести