Капитенот на Мароко откри зошто Халилхоџиќ не можеше да остане селектор и да ги води на СП во Катар

Фудбалската репрезентација на Мароко оствари историски успех на Светското првенство што се одржа во Катар освојувајќи го четвртото место, но до успехот не дојде под водство на селекторот кој го обезбеди пласманот на Мундијалот.

Мароканците на СП во Катар ги предводеше Валид Реграги, кој непосредно пред стартот на Мундијалот го наследи Валид Халилхоџиќ.
Капитенот на Мароко и член на Бешикташ, Роман Саис, сега откри во јавноста дека смената на Халилхоџиќ била неизбежна.

„Халилхоџиќ дојде до точка до која беше невозможно да остане селектор. На секој натпревар му свиреа, атмосферата стануваше сè потешка и се пренесе на остатокот од тимот. На секој натпревар беше тензично, постојано беше навредуван од навивачите. Сепак, не смееме да заборавиме дека тој нè однесе на СП во Катар и мора да му бидеме благодарни за тоа“, изјави Саис.

Со заминувањето од селекторското столче на Халилхоџиќ, во репрезентацијата се вратија и дел од најдобрите играчи, како Хаким Зијех, а се подобри и атмосферата во соблекувалната и тоа резултираше со освојување на четвртото место во Катар.

„По смената на Халилхоџиќ, сите бевме свесни дека имаме многу малку време да се адаптираме на новата ситуација. Сите се трудевме и би требало да му се честита на секој фудбалер бидејќи го даде максимумот“, додаде Саис.

- Оглас -

Најнови вести