Викендот помина во знакот на ракометот и завршницата од куп-натпреварувањето. Во драматичен финиш, ракометарите на Вардар го освоија трофејот и порачаа дека титулите се селат во Скопје. Вардарци се на прагот да освојат двојна круна, што секако е голем удар за ривалите од Битола, Еурофарм Пелистер.
Мора да се истакне дека со метеорска брзина во Охрид се развива нов квалитетен ракометен тим, кој сигурно дека во идните години ќе претставува вистински конкурент за Вардар, Пелистер и Алкалоид.
Фудбалот ни носи нови проблеми. Во последниот меч од 28-мото коло во Првата лига, по еден навидум „обичен“ натпревар и триумф на Струга Трим Лум во Куманово против Башкими, се случи неверојатен инцидент.
Гостите од Струга беа заклучени во соблекувалната и беа вистински „заложници“ само затоа што успеаја повторно убедливо да го победат домаќинот Башкими со 0-4. Мораа да интервенираат и специјални полициски сили за стружани да го напуштат стадионот, за жал, и каменувани од кумановски хулигани.
За разлика од кај нас, во светот фудбалот е шоу и вистинска забава за навивачите. Во Германија, Баерн Минхен доминантно ја освои и ја прослави 35-тата шампионска титула, а во Премиер лигата се одигра спектакуларен дуел меѓу Манчестер сити и Арсенал. Граѓаните славеа со 2-1, па сега се вратија комплетно во игра за освојување на шампионскиот пехар. Се разбира, фудбалерите на Арсенал не беа заклучени во соблекувалната на „Етихад“…

