Бразилскиот играч за врска Каземиро и официјално потврди дека ќе си замине од Манчестер јунајтед на крајот од сезоната. Актуелниот договор на Каземиро со тимот од „Олд Трафорд“ истекува во јуни и нема намера да го продолжи.
За четири сезони поминати во англискиот гигант, Каземиро досега одигра 146 меча и даде 21 гол. Освои само два трофеи, и тоа по еден во Лига купот и ФА купот.
„Ќе го носам Манчестер јунајтед во моето срце до крајот на мојот живот. Од првиот ден кога стапнав на овој прекрасен стадион, ја почувствував страста на Олд Трафорд и љубовта што ја споделувам со нашите навивачи. Сè уште не е време да се збогуваме – сè уште имаме многу спомени да создадеме во следните четири месеци. Сè уште има многу за што да се бориме; мојот фокус, како и секогаш, останува да дадам сè од себе за да му помогнам на клубот да успее“, беше емотивната порака која Каземиро ја испрати до навивачите на Манчестер јунајтед.

