Каземиро раскажува: Како станав деструктивец

Каземиро, фудбалерот на Реал Мадрид, во изминативе неколку години се истакна како еден од најдобрите на негова позиција – деструктивен среден играч. Но, Бразилецот откри дека кога ја почнал фудбалската кариера, не планирал да биде играч за врска, туку сакал да биде голгетер.

Во интервју за една шпанска телевизија Каземиро вели дека сосема случајно се пронашол на таа позиција, додека на пробата во Сао Пауло морал да лаже.

„Имав 12 или 13 години, бев на проба во Сао Пауло заедно со уште 300 деца. Знаев дека само 50 деца ќе бидат избрани и морав добро да размислам што правам. Многу добро се сеќавам, еден од тренерите праша колку од нас се голмани, само три деца кренаа рака. Потоа праша за напаѓачи и наеднаш повеќе од 40 раце беа во вис. Си реков, нема шанси да успеам покрај толкава конкуренција. Истото се случи кога прашаа за играчи за врска, над 40 деца конкурираа, но потоа дојде време за позицијата деструктивец, а јас бев меѓу тие шест или седум деца кои сакаа да играат на таа позиција. Тренирав и ја изучував таа улога за време на пробата, кога еден тренер ме тргна на страна и ми рече дека не припаѓам во таа група, туку меѓу напаѓачите. Јас инсистирав да бидам дефанзивен играч, па еве по толку време се покажа дека сум го направил вистинскиот избор. Можеби ќе успеев и како напаѓач бидејќи за мојата возраст бев меѓу највисоките и најсилните деца, па често знаев да забивам со глава, но поради мојата упорност успеав да го облечам дресот на најголемиот клуб во светот“, посочи Каземиро.

Репрезентативецот на Кариоките пред преселбата во редовите на Реал запиша 112 настапи за Сао Пауло, а oд 2012 година па досега одигра над 200 натпревари за Кралевите, на кои постигна 20 гола, освојувајќи 12 титули, меѓу кои четири се во Лигата на шампионите.

 

- Оглас -

Најнови вести