Ќе биде ли 3+ на „Енфилд роуд“, ако се знае дека Ливерпул нема дадено гол 350 минути!

Ливерпул на свој терен против Барнли е апсолутен фаворит и најголем дел од фановите очекуваат домаќините да имаат лесна задача на „Енфилд роуд“. Сепак, тоа што треба да се знае пред вечерашниот дуел е дека Ливерпул е во најлошата серија во Премиер лигата во последните пет години.

На последните четири меча, тимот на тренерот Јирген Клоп има три нерешени резултати и еден пораз. Последен пат четири меча без победа Ливерпул во првенството нанижал во 2015 година. Тоа што е уште позагрижувачко за Клоп е дека Ливерпул мака мачи за да постигне гол.

Неверојатни 350 минути Ливерпул е без погодок, иако во тимот ги има Салах, Мане, Фирмино, Вајналдум, Ориги… Последниот погодок на шампионот во првенството е тој на Садио Мане во 12-тата минута во ремито (1:1) против Вест Бромвич албион. Потоа следуваше ремито без голови против Њукасл, поразот од 1:0 кај Саутхемптон и нерешените 0:0 во големото дерби против Манчестер јунајтед.

„Формата на екипата не е перфектна, но не е ни катастрофална. На дуелот против Манчестер јунајтед видов позитивни работи, но фалеше да постигнеме гол. Тоа е сè. Треба да продолжиме да работиме и да продолжиме да се бориме. Знаеме дека не сме на позицијата на која посакуваме да бидеме, но нема да се предадеме“, рече Клоп пред мечот со Барнли.

 

- Оглас -

Најнови вести