Италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, побара оставка од претседателот на Италијанската фудбалска федерација по неуспехот на Aѕурите да се пласираат на Светското првенство.
„На сите им е јасно дека италијанскиот фудбал има потреба од темелна обнова“, порача Абоди ден по поразот на Италија од Босна и Херцеговина по изведување пенали во финалето од баражот.
Според него, процесот на реформи мора да започне од самиот врв, односно од раководството на Федерацијата, на чие чело од 2018 година се наоѓа Габриеле Гравина. Министерот потсети дека неговите претходници, Џанкарло Абете и Карло Тавекио, поднеле оставки по неуспесите во 2014 и 2018 година.
Абоди нагласи дека очекува конкретна реакција од Федерацијата, но не ја исклучи можноста за институционална интервенција доколку тоа не се случи.
„Важно е да не се повторуваат истите грешки и да не се игнорира реалноста“, додаде тој.
Во меѓувреме, Гравина веќе најави состаноци со цел да се анализира состојбата. Извршниот одбор ќе заседава следната недела, а паралелно се планирани разговори со претставници на лигите, како и со здруженијата на фудбалери и тренери.
По елиминацијата, првиот човек на Федерацијата призна дека италијанскиот фудбал се соочува со „длабока и системска криза“, која бара поширока анализа, не само во рамките на спортските структури, туку и на политичко ниво.
Неговите изјави, сепак, предизвикаа бурни реакции во јавноста, особено по контроверзниот коментар дека другите спортови во Италија, во споредба со фудбалот, се „аматерски“. Оваа констатација наиде на остри критики, меѓу кои и од атлетичарот Матија Фурлани и биатлонецот Томазо Џакомел, кои јавно реагираа на социјалните мрежи.

