Македонската кошаркарска федерација ќе поднесе барање до Агенцијата за млади и спорт, како и до Министерството за внатрешни работи, со кое ќе се повлечат пасошите на странските играчи издадени во изминатиот период, поточно, само на оние кошаркари кои не сакале да настапат за репрезентацијата или не одиграле според очекувањата.
Сепак, Федерацијата не треба да избрзува, бидејќи и за Хендрикс се зборуваше лошо по ЕП 2015, па сега го славиме и тој е неизоставен дел од репрезентацијата.
Не е баш минорен бројот на американски кошаркари кои уживаат во привилегијата да поседуваат македонски, европски пасош, и со тоа како домашни да играат на Стариот Континент. А, во репрезентацијата, во последните циклуси користиме само еден до двајца од нив.
Откако Петар Наумоски застана на чело на Федерацијата, македонски пасоши добија Ромео Тревис (не се покажа со игрите во 2016), Џордан Теодор (не ги исполни големите очекувања во 2017 и не придонесуваше за подобрување на хемијата во тимот) и Шејн Витингтон (и тој одигра само еден меч и послабо од можностите).
Лестер Мекејлеб и Ричард Хендрикс имаат македонски пасоши, но си ја заслужија довербата. Ако одлуката на МКФ важи и за тие што од поодамна добија наши пасоши, а не заиграа за Македонија и уште се активни, тогаш може да има цела петорка Американци кои веќе нема да бидат натурализирани Македонци.
МКФ до 14-ти ноември треба да одлучи дали е заинтересирана да биде домаќин на Светското првенство за кошаркари до 17 години, настан кој треба да се случи во 2020 година.