Ќе се подобрува технологијата во однос на офсајд-позициите

Англиската Премиер лига планира да воведе нова технологија како дополнување на веќе постоечкиот ВАР со цел побрзо и попрецизно да се решат спорните ситуации при офсајд-позициите, поточно да се пресмета дали било офсајд или не.

Една компанија веќе работи на создавање сложен систем кој ќе користи голем број камери и ќе им помага на видеоасистентите со прикажување на точна автоматизирана линија на позицијата во реално време. Така ќе се избегне губењето време при одредувањето на минималните офсајди. Освен тоа, ќе се оттргнат сомнежите за некоректно цртање на линиите од страна на судиите во ВАР-собата.

Технологијата ќе ги следи задните страни на нозете на секој фудбалер на теренот и на тој начин ќе биде јасно дали фудбалерот е во офсајд или не.

Засега не е познато дали новата технологија ќе биде воведена среде сезона или примената ќе стартува на почетокот на следната сезона.

Во италијанската Серија А засилени се барањата главниот судија да користи монитор на теренот и сам да одлучува за спорна ситуација, а не да чека да му јават. Со ВАР, грешките во фудбалот требаше да се сведат на нула, но изгледа ќе треба да помине време додека сите стекнат доверба во точноста на видеотехнологијата.

- Оглас -

Најнови вести